Македонија

Литија во Оровник во чест на Светата великомаченичка Недела

26.04.2026 18:13

Стотици верници беа дел од првата литија во село Оровник, одржана во чест на Светата великомаченица Недела. Масовната поворка со моштите на светицата испрати силна порака за вера, заедништво и почит кон традицијата.

Стотици верници беа дел од првата литија во село Оровник, која се одржа во чест на Света великомаченица Недела. Верници и свештеници, сплотени околу чудотворните мошти донесени од Битола, се поклонија во поворка што се движеше од црквата „Св. Илија“ до манастирот „Св. Недела“.

Величествен духовен настан, пропратен со биење на камбаните, фрлање свежо цвеќе и молитви.

„За првпат во историјата на Оровник се одржува една ваква голема духовна манифестација и ни претставува голема чест и задоволство, како едно малечко селце да биде домаќин на ваков голем духовен настан.“

„Да ги видиме моштите, со љубов дојдовме.“

„Многу ми е чест што се случува ваква манифестација, да помогне златна Света Недела. Ова е нешто неочекувано. Многу убав собир за сите оровничани и пошироко во Македонија.“

„Многу се израдувавме кога слушнавме дека ова се организира. Фала им на митрополитите, да го славиме Бога“-велат верниците.

Масовноста на литијата покажа дека ваквите црковно-народни настани имаат силен одек меѓу верниците.

„Нејзините мошти доаѓаат во ова село, каде што има манастир посветен на Света Недела, кој е доста посетен, и преку молитвите упатени до Света Недела се случуваат многубројни чуда. Ова е радосен чин“, изјави свештеникот Љупчо Азески.

„Денес Оровник е духовно срце за Општина Дебрца и регионот. Со чиста душа и со голема благодат ги отворивме портите на селото да ги пречекаме моштите на Светата маченичка Недела, кои се од големо значење за нашиот народ“, рече Златко Сиљаноски, градоначалник на Општина Дебрца.

Со силна посетеност и голем одзив, Оровник ја испиша првата страница од една нова духовна приказна, која се очекува да прерасне во традиција.

Соња Рилковска