Инцидент на вечерата на Трамп со новинарите
Инцидент на вечерата со новинарите од Белата куќа што ја приредил претседателот Трамп. 31-годишниот Кол Томас Ален од Калифорнија, вооружен со пушка, пиштол и повеќе ножеви се обидел да нападне безбедносен контролен пункт. По апсењето рекол дека мета му биле функционери од администрацијата на американскиот претседател. Пред вечерата бил во хотелот. Трамп и неговата сопруга биле безбедно евакуирани.

Вистинска драма се одвивала синоќа на годишната Гала-вечера на Здружението на дописници од Белата куќа на кој присуствувал и лидерот на САД, членови на кабинетот и други високи функционери на администрацијата. Американскиот претседател и првата дама беа евакуирани откако настанот организиран во хотел во Вашингтон беше прекинат поради пукотница. Вооружен маж со пушка и ножеви упаднал во лобито, нападнал контролен пункт на американската тајна служба пред да биде соборен и приведен. Во инцидентот повреден е еден службеник.
„Според прелиминарните информации, веруваме дека тој бил гостин овде во хотелот. Во овој момент, веруваме дека тој е единствениот осомничен во овој случај. Она што го знаеме е дека лицето нападнало контролен пункт со огнено оружје. Знаеме дека трчал во правец на балската сала во која бил претседателот, како и другите членови на кабинетот“, изјави Џефри В. Керол, Метрополитен полициски оддел, привремен началник.
Осомничениот, маж на возраст од 31 година, идентификуван како Кол Томас Ален од Калифорнија, се товари за две кривични дела. Според јавно достапните информации работел како наставник и независен креатор на видеоигри.
„Во моментов, обвинетиот се товари по две точки, употреба на огнено оружје за време на кривично дело насилство, и напад врз федерален службеник со употреба на опасно оружје. Врз основа на она што го знаеме досега, јасно е дека ова лице имало намера да направи што е можно повеќе штета“, изјави Џанин Пиро, обвинител во Вашингтон.
„Претседателот се врати безбедно во Белата куќа. Многу сме благодарни на членовите на органите за спроведување на законот кои си ја завршија својата работа и се погрижија сите гости да бидат безбедни“, рече Мјуриел Боузер, градоначалничка на Вашингтон.
По инцидентот, шефот на Белата Куќа истакна дека да се биде претседател е опасна професија, а вечерта била трауматично искуство за неговата сопруга. Според Трамп, Тајната служба завршила подобра работа од обидот за атентат во Батлер во јули 2024 година, кога на собир на отворено 20-годишен маж го застрела во увото.
„Јас сум тука за да работам, ова е дел од работата. Тоа е опасно – не можам да замислам дека постои професија што е поопасна. Но, ја сакам земјата и сум многу горд. Горд сум на работата што ја завршивме. Гледате што се случи. Имаме одлична земја. Мислам дека ја имаме најуспешната земја во светот. Ова се случи во период од само една година. И ќе правиме одлични работи. Но, со тоа доаѓаат и ризици без сомнение“, нагласи Доналд Трамп, претседател на САД.
Пораки за поддршка и осуда за насилството пристигнаа од лидерите на ЕУ, Велика Британија, Канада, Мексико, Венецуела, Австралија, Пакистан, Индија.
Маријана Димовска
