Политика

Спротивставени ставови за укинувањето на техничката влада

26.04.2026 15:31

Движењето ЗНАМ го поддржува предлогот за укинување на техничката влада. Како тенденциозни и ултимативни ги оценуваат најавите на СДСМ дека ако помине владиниот предлог, ќе излезат од работната група за Изборниот законик. Социјалдемократите цврсто стојат на ставот дека техничката влада треба да остане.

Наместо конструктивност и политичка зрелост во време кога е неопходен широк консензус, „гледаме обиди за блокади, калкулации и партиски игри на штета на граѓаните“ оценуваат од ЗНАМ – За наша Македонија.

Велат дека изминативе денови сме сведоци на уцени и на неодговорен и деструктивен однос од СДСМ и Венко Филипче, особено во контекст на измените на Законот за влада. Според нив последниот потег, заканата за повлекување од работната група за новиот Изборен законик, е само кулминација на ваквиот пристап.

Социјалдемократите цврсто стојат на ставот дека техничката влада треба да остане, бидејќи како што велат, тоа е единствениот преостанат механизам кој може да обезбеди барем минимални фер и демократски услови за избори.

Доколку поминат овие измени, предвидено е техничката влада да важи не за следните, кога и да се случат, туку за тие по нив.

Расправата заврши на матичната Комисија за политички систем, сега треба да се најде на пленарна седница. За да помине предлогот, потребно е најмалку 61 пратенички глас.

Ана Јосифоска