САД

Во тек е истрагата за пукањето во Вашингтон

27.04.2026 11:51

ФБИ ја продолжува истрагата за нападот во Вашингтон кој се случи за време на вечерата со новинарите од Белата куќа во организација на претседателот Трамп. 31-годишниот осомничен маж пред нападот објавил антихристијански манифест и планирал да ги нападне членовите на администрацијата на САД, давајќи им приоритет на највисоко рангираните.

Напаѓачот кој со огнено оружје упадна на гала вечерата со дописниците од Белата куќа во хотел во Вашингтон каде учествуваше и претседателот Трамп, објавил антихристијански манифест пред пукањето. Политичкиот врв на САД беше безбедно евакуиран, осомничениот приведен, а службеникот на Тајната служба кој беше застрелан се опоравува.

„Го прочитав манифестот, тој е радикализиран. Тој бил христијанин, верник, а потоа станал антихристијанин и имаше многу промени. Поминал низ многу работи. Врз основа на она што го напишал, неговиот брат се пожалил на него и мислам дека го пријави во полиција, а и неговата сестра исто така се пожалила од него. Неговото семејство било многу загрижено. Веројатно бил прилично болен човек“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

ФБИ ја продолжува истрагата. 31-годишниот Кол Томас Ален од Торанс, град во Лос Анџелес се опишал себеси како „пријателски федерален атентатор“ кој планирал да ги нападне членовите на администрацијата на САД, давајќи им приоритет на највисоко рангираните.

„Навистина не знам ништо за него. Знам дека живее таму. Знам само што прочитав во медиумското известување. Пријател сум со неговиот татко, а неговите родители се многу мирни, многу добри луѓе. Но, не знам многу за него“, рече Пол Томпсон, адвокат и сосед на адреса поврзана со Кол Томас Ален.

„Инцидент како овој не става во центарот на вниманието во јавноста. Ние сме против насилство од каков било вид, политичко или расно. Многу сме среќни што агенциите за брз одговор во Вашингтон веднаш го фатија сторителот, но знаете дека фактот дека неговиот дом е тука не го дефинира градот Торанс на овој начин. Дејството на едно лице не го претставува целиот град“, изјави Џорџ К. Чен, градоначалник на Торанс.

Осомничениот напаѓач се соочува со обвинение за напад врз федерален службеник, пукање од огнено оружје и обид за убиство.

„Не е невообичаено во ваков случај, да има обвинение за напад врз федерален службеник. Ќе има обвинение за пукањето од огнено оружје и обид за убиство на федерален службеник. А потоа, потенцијално, постојат обвиненија надвор од тоа што произлегуваат од разгледувањето на доказите“, изјави Тод Бланш, вршител на должноста државен обвинител на САД.

Според Трамп, Тајната служба завршила подобра работа од обидот за атентат во Батлер во јули 2024 година, кога на собир на отворено 20-годишен маж го застрела во увото.

Маријана Димовска