Блиски Исток

Се бара излез од дипломатскиот ќор-сокак

27.04.2026 14:49

Вашингтон и Техеран бараат излез од дипломатскиот ќор-сокак. Иранскиот шеф на дипломатијата Арагчи отпатува за Москва, Трамп му кажа да се јави ако сакаат да преговараат. Иран наводно понудил договор за повторно отворање на Ормускиот теснец, но и за одложување на нуклеарните преговори. САД, пак, остануваат на ставот дека земјата мора да го запре збогатувањето ураниум.

Разговорите меѓу САД и Иран за крај на војната и натаму во мирување. Според американскиот портал „Аксиос“, Техеран испратил до Вашингтон нов предлог за деблокада на Ормускиот теснец и завршување на војната, без дебата за нуклеарната програма со цел побрзо да се постигне договор. Иранскиот министер за надворешни работи од Русија изјави дека и покрај постигнатиот напредок, прекумерните барања на сад довеле до неуспех на последната рунда разговори.

„Безбедниот премин низ Ормускиот теснец е важно глобално прашање во овој момент. Природно е за нас, Иран и Оман, како две крајбрежни држави што се граничат со теснецот, да разговараме за ова прашање, да ги заштитиме нашите заеднички интереси и соодветно да ги координираме сите дејствија. Постои значајна заедничка основа меѓу нас и Оман и се согласивме да ги продолжиме нашите дискусии на експертско ниво“, изјави Абас Арагчи – министер за надворешни работи на Иран.

Дипломатската криза се продлабочи откако посетата на иранскиот министер за надворешни работи на Пакистан не донесе напредок, а средбата со американските пратеници беше откажана. Трамп оцени дека нема потреба од патување доколку нема услови за конкретни резултати. САД остануваат на ставот дека Иран мора да го запре збогатувањето ураниум и да се откаже од можноста за развој на нуклеарно оружје, што останува клучна точка на спор меѓу двете страни.

„Ги повикав назад нашите луѓе. Летот трае околу 17 часа. Имаме голема почит кон на Пакистан, тие се одлични луѓе. Навистина се добри. Но, знаете, тоа е лет од 17 до 18 часа. Реков, кога ќе се одржи овој состанок? И требаше да биде во вторник, а беше сабота. И реков, повеќе нема да го правиме ова. Ако сакаат да разговараат, можат да дојдат кај нас или можат да ни се јават. Знаете, има телефон“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.

Според американски медиуми, Трамп и натаму размислува за продолжување на поморската блокада врз Иран, како средство за дополнителен притисок врз Техеран, додека кревкото примирје меѓу Израел и Либан е нарушено со нови напади.

 

Катерина Бојаџиева