Вонреден инспекциски надзор по трагедијата во Кисела Вода
Вонреден инспекциски надзор по трагедијата во Кисела Вода, каде при ископ на темели за зграда загина работник, а четворица беа повредени. Донесено е решение за прекин на натамошна изградба на објектот. Инвеститорот треба веднаш да преземе мерки за санација и стабилизација на теренот...

Градежните активности се стопирани на градилиштето каде се случи несреќата, но се обезбедуваат соседните објекти за да се спречи поголема трагедија.
Инспекторатот за градежништво во Кисела Вода донесе решение за прекин на понатамошна изградба и итно преземање мерки за санација и стабилизација на теренот.
„Поради настанатото лизгање на земјиштето и загрозена стабилност на соседните објекти, се наредува да се преземат итни мерки за обезбедување на ископот и спречување на понатамошно лизгање. Ќе се донесе решение веднаш да ја прекине натамошната изградба на објект од втора категорија – станбено деловна зграда и итно да преземе мерки за санација и стабилизација на теренот до соседните објекти“, соопштија од Инспекторатот за градежништво во Кисела Вода.
Од Синдикатот за градежништво при ССМ обвинуваат дека македонските градежни работодавачи законот за безбедност го третираат како трошок, а не како обврска. Во просек годишно има 20 несреќи со фатален крај и над 200 повреди при работа годишно.
Државниот трудов инспекторат констатира дека земјиштето не било заштитено од нагло лизгање по направените увиди.
ОЈО издаде наредба за обезбедување на целосната документација како и на елаборатот за изведување на јама или ископ и елаборатот за заштита при работа.
Тројца од четворицата настраданите работници кои беа хоспитализирани се на домашно лекување, а еден е префрлен од КАРИЛ на одделение по хируршката интервенција на долните екстремитети.
Александра Велинова
