Случај „27 Април“

Поднесена кривична пријава против Русковска

27.04.2026 16:32

На деветгодишнината од упадот во Собранието, осудени за настаните од 27 април и поднесоа кривична пријава на поранешната обвинителка Русковска. Ја обвинија за поткуп на клучниот сведок и за насочување на доказите. Таа ги отфрли обвинувањата. Премиерот Мицкоски останува на ставот дека станува збор за политички монтиран процес, опозицијата, пак, смета дека се прави обид за рехабилитација на насилниците.

Со нови докази доставени до Основното јавно обвинителство осудените за настаните од 27 април ќе докажуваат дека случајот е монтиран.

Сведок потпишал нотарска изјава во која тврди дека дал лажен исказ на судењето за крвавиот четврток бидејќи од поранешната обвинителка Русковска и брат на висок функционер му било ветено дека ќе му биде олеснета постапката за други предмети, вели Јане Ченто кој во име на осудените за настаните од 27 април поднесе кривична пријава против поранешната шефица на ОЈО. Од Савески бара итна реакција во спротивно најави оти доказите ќе ги објави во јавноста.

Русковска ги отфрли обвинувањата на Ченто. Тврди истрагата се вршела врз основа на докази и факти, а повисоките судови се тие коишто носат пресуда.

Дека процесот за 27 април бил политички монтиран, смета и премиерот Мицкоски кој вели оти обвинетите не требале да одговараат за тероризам.

За СДСМ 27 април останува најцрниот ден во историјата, ја обвинија власта дека сака да ги рехабилитира насилниците.

За настаните во македонското Собрание осудени беа 16 лица, добија над 200 години затворска казна, најголемата во траење во 16 години му беше досудена на поранешниот директор на БЈБ, Митко Чавков.

 

Викторија Милевска