Започна стратегиското партнерство на Прилепскиот тутунски комбинат и Филип Морис
И официјано почна големото стратегиско партнерство на прилепскиот тутунски комбинат со светскиот гигант Филип Морис. Првото производството цигари веќе се пласира преку новата фирма на двата партнера. Ова е сигнал за странските инвеститори. Филип Морис ќе купува и тутун од комбинатот...

Прилепскиот тутунски комбинат ги почна произвoдството и пласманот на цигари за новата фирма „Филип Морис Тутунски комбинат Прилеп“. Првите тони се за домашниот пазар. Со ова и официјално профункционира стратегиското партнерство со светскиот гигант. На брендовите на комбинатот отсега ќе пишува: Произведено од „Филип Морис Тутунски комбинат“ по лиценца за комбинатот.
„Само по себе се подразбира тутунски комбинат е способен и подготвен да ги задоволи стандардите и потребите на светскиот бренд Филип Морис“, вели генералниот директор на комбинатот Александар Дерменџиев.
Наскоро се очекува и брендовите на Филип Морис, најпознатото Марлборо да излезе од прилепската фабрика за цигари.
Новото друштво отсега ќе ги контролира производството и пласманот. Ги доби акцизните дозволи, и за производство, увоз и извоз, купи суровини и репроматеријали за фабриката.
„Влегување на еден таков гигант каков што е Филип Морис е значајно и за Македонија од аспект на привлекување на странски инвеститори, праќање позитивна порака со самата големина на партнерот. Тоа се подразбира“, вели Дерменџиев.
Филип Морис ќе ги купува и најголемите количества ориенталски тутун. Тоа е сигурност за кооперантите, уверува раководството се прави акционен план и за местото на преку 1000 вработени.
Доминантниот акционер - владата ја доби и информацијата за излезот на фирмата од таканаречената група загубари. Главно место има стратегиското партнерство со Филип Морис, и според најавите, за близу две години ќе биде на позитивна нула.
Елизабета Митреска
