БЛИСКИ ИСТОК

Иран им нуди на САД договор за повторно отворање на Ормускиот теснец

27.04.2026 17:34

Вашингтон и Техеран бараат излез од дипломатскиот ќор-сокак. Иранскиот шеф на дипломатијата Арагчи отпатува за Москва, Трамп му кажа да се јави ако сакаат да преговараат. Иран наводно понудил договор за повторно отворање на Ормускиот теснец, но и за одложување на нуклеарните преговори. САД, пак, остануваат на ставот дека земјата мора да го запре збогатувањето ураниум…

Новиот мировен предлог на Иран до САД нуди крај на блокадата на Ормускиот теснец, без дебата за нуклеарната програма за побрзо да се постигне договор, информираат двајца анонимни регионални претставници запознаени со предлог. Иранскиот министер за надворешни работи од Русија изјави дека и покрај постигнатиот напредок, прекумерните барања на САД довеле до неуспех на последната рунда разговори.

„Безбедниот премин низ Ормускиот теснец е важно глобално прашање во овој момент. Природно е за нас, Иран и Оман, како две крајбрежни држави што се граничат со теснецот, да разговараме за ова прашање, да ги заштитиме нашите заеднички интереси и соодветно да ги координираме сите дејствија. Постои значајна заедничка основа меѓу нас и Оман и се согласивме да ги продолжиме нашите дискусии на експертско ниво“, изјави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.

САД остануваат на ставот дека Иран мора да го запре збогатувањето ураниум и да се откаже од можноста за развој на нуклеарно оружје, што останува клучна точка на спор меѓу двете страни.

„Ако сакаат да разговараат, можат да дојдат кај нас или можат да ни се јават. Знаете, има телефон“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Според претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен, прерано е да се укинат санкциите воведени врз Иран.

„Постои причина зошто санкциите се воведени врз Иран, а таа причина е нивното однесување кон сопственото население. 17.000 млади луѓе беа убиени само оваа година од страна на режимот. Прво мора да видиме фундаментална промена во Иран за укинувањето на санкциите, и затоа сметаме дека е прерано да се укинат санкциите“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.

Кревкото примирје меѓу Израел и Либан е нарушено со нови напади.

 

Катерина Бојаџиева