Македонија

Шокантен случај на врсничко насилство, малолетничка станала жртва на група девојчиња

27.04.2026 18:09

Ја снимале додека ја тепале, малтретирале и гореле со цигара. Ученичка од Ѓорче Петров била жртва на насилство од група девојчиња кои оделе во истото училиште. Нов случај ја вознемири јавноста. Надлежните велат дека се постапило согласно со законите…

Солзи, страв и понижување. Малолетничка од Ѓорче Петров станала жртва на група девојчиња кои ја навредувале, туркале, понижувале, гореле со цигари. И сето ова го снимиле и споделиле на социјални мрежи. Случајот е пријавен во МВР, кое заедно со обвинителството преземаат мерки за негово расчистување.

„Пријавени се два настана во коишто малолетно девојче на крајот од минатиот месец, на два пати, била физички нападната од неколку малолетнички од истото училиште. Притоа во моментов се работи на целосно документирање на настаните, преку повикување и разговор со повеќе инволвирани малолетнички (во придружба на нивни родители), и собирање на други материјални докази (видео записи и слично) во насока на расчистување на случајот“, соопштија од МВР.

Градоначалникот на Ѓорче Петров знае за случајот. Вели дека е постапено по правилникот за спречување насилство, но, тој смета дека потребно повеќе полиција на терен.

Од МОН посочуваат, прирачници и упатства има, но клучна е улогата на родителите.

Овој случај не е самоизолиран инцидент туку аларм за општеството.

Бројките се јасен сигнал дека врсничкото насилство не смее да се игнорира. Тоа може да биде, физичко, вербално но и дигитално. Надлежните постојано апелираат учениците да пријавуваат доколку се жртви на насилство или доколку се сведоци.

Ана Јосифоска