Случај „Пулс“: Процесот во фаза на изведување материјални докази
Судењето за трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“ влегува во фаза на изведување материјални докази. Следното рочиште е закажано за утре, а попладнево, брифинг имаа обвинителите.

Ако на следното рочиште за трагедијата во „Пулс“ не дојдат преостанатите неколкумина сведоци на обвинителството, ќе се бара нивните искази дадени во истрага да се прочитаат на записник за да може процесот да влезе во следната фаза, онаа на изведување материјални докази, велат од обвинителството.
Ќе се почне со извештаите од обдукциите на 63-те жртви, а вештаците кои ги изработиле ќе одговараат на прашања поврзани со причините за смртта. Индикативно, велат од обвинителството е што ќе се изведуваат докази за каузалната врска на сите фактори кои придонеле за смртен исход – преполнетоста на клубот, отсуство на доволен број излези, немањето план за евакуација, материјалите од кои бил изграден објектот.
На обвинителна клупа, за кочанската трагедија седат 35 мина, а на кривична одговорност се повикуваат и три фирми. Сите се товарат за исто кривично дело – Тешки дела против општата сигурност.
Анита Димитријевска – Велковска
