Иран негира одговорност за затворањето на теснецот
Расте притисокот врз Иран за повторно отворање на Ормускиот теснец. Повици во Обединетите нации за слободна пловидба без закани и патарини. Од Техеран негираат одговорност за затворањето на протокот. Американскиот државен секретар истакна дека блокадата е еквивалентна на нуклеарно оружје. И додека бледеат надежите за ставање крај на војната, Кремљ, изрази подготвеност да посредува во решавање на конфликтот на Блискиот Исток доколку се договорат прифатливи опции.

Понудата на Иран за разговори за нуклеарните амбиции дури по завршувањето на војната е неприфатлива за САД и за други земји. Од Белата Куќа велат дека Трамп има јасни црвени линии. Американскиот државен секретар ја спореди блокадата на Ормускиот Теснец со нуклеарно оружје.
„Тие не само што сакаат да доминираат во Иран. Тие сакаат да доминираат во регионот. И замислете го тоа со нуклеарно оружје. Погледнете што направија со Протокот. Одличен пример. Протокот е во основа еквивалент на економско нуклеарно оружје што се обидуваат да го користат против светот, и се фалат со тоа. Поставуваат билборди во Техеран, се фалат како можат да држат 25 или 20 насто од светската енергија како заложник. Замислете ако истите тие луѓе имаа пристап до нуклеарно оружје. Тие би го држеле целиот регион како заложник“, изјави Марко Рубио – државен секретар на САД.
Советот за безбедност на Обединетите нации дебатираше за безбедноста и заштитата на водните патишта. Десетици земји повикуваат на итна акција за ослободување на Ормускиот теснец.
„Ги отфрламе сите напори за незаконско загрозување или суспендирање на навигациските права и слободи, вклучително и преку наметнување патарини, што би претставувало кршење на меѓународното право“, изјави Абдулатиф бин Рашид Ал Зајани – министер за надворешни работи на Бахреин.
„Апелирам до страните, отворете го теснецот, пуштете ги бродовите да поминуваат. Без патарини, без дискриминација. Нека трговијата продолжи. Нека глобалната економија дише“, изјави Антонио Гутереш – генерален секретар на Обединетите нации.
Иранскиот амбасадор истакна дека Техеран не е одговорен за затворањето на протокот.
„Во услови на ограничување, мерките на Иран во Ормускиот Теснец беа засновани на правото и обврската според морското право и неговите национални закони и прописи. Законските мерки на Иран имаат за цел да постигнат соодветна рамнотежа помеѓу безбедносните интереси на крајбрежната држава и континуираното безбедно одвивање на пловидбата во Ормускиот Теснец во многу нестабилна средина“, изјави Амир Саид Иравани – постојан претставник на Иран во ООН.
Надежите за обновување на мировните разговори избледеа откако Трамп го откажа патувањето на американските преговарачи Виткоф и Кушнер во Исламабад во саботата, каде што иранскиот министер за надворешни работи Арагчи разговараше само со пакистанските функционери. Трамп потоа изјави дека Иран може да се јави телефонски ако сака да преговара за крај на војната. Портпаролот на Кремљ, истакна дека Русија е подготвена да посредува во запирањето на конфликтот во Иран доколку се договорат прифатливи опции.
Маријана Димовска
