Се очекува позитивна препорака од ЕУ

18.09.2014 16:33

Во директоратот за проширување на ЕУ на министерот Бесими ќе му бидат презентирани делови од годишниот извештај на Европската Комисија...

Со очекување на нова позитивна препорака за отпочнување на преговори со Унијата – утре овде во Брисел доаѓа вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими. Во директоратот за проширување на ЕУ ќе му бидат презентирани делови од годишниот извештај на Европската Комисија. На брифинг во Скопје рече дека документот треба да ги нотира областите во кои има напредок, но и оние кои повторно ќе се најдат во акцискиот план на Владата, односно политичкиот и меѓуетничкиот диајлог, судството, слободата на изразување. 

На три недели до објавувањето на прогрес извештаите за државите кандидатки за членство се огласи премиерот на Луксембург Ксавиер Бетел. Коментирајќи ја позицијата на Македонија, на прес конференција рече дека мора да се донесе решение. Јас не сум тој кој го блокира кое било проширување, посебно кога правилата се идентични и истите се почитуваат, изјави Бетел. Додаде дека  за него е сосема неприфатливо да поминат 30 или 40 години за  една земја да стане членка ако може тоа да се случи побрзо.

Македонија е кандидатка за членство од 2005, а од 2009 во континуитет добива препорака за почеток на преговорите. Натамошниот напредок е блокиран поради противењето на Грција, а од лани и на Бугарија.

Марина Тонева