Нестабилно време со дожд, ветер и пад на температурите до крајот на неделата
Променливо облачно и нестабилно време со пороен дожд, грмежи и засилен северен ветер ја очекува земјава во наредните денови, со значително опаѓање на температурите.

Времето во земјава денес и утре ќе биде претежно топло, но со локална појава на пороен дожд и услови за ретки грмежи. Според најавите на Управата за хидрометеоролошки работи, од четврток следува промена под влијание на постудена и влажна воздушна маса.
Се очекуваат пообилни врнежи од дожд, кои на планините ќе преминуваат во снег поради продор на постуден воздух од север. Од петок до крајот на неделата ќе преовладува променливо облачно и нестабилно време со повремени врнежи.
Ќе дува умерен до засилен северен ветер, кој на моменти ќе достигнува брзина и над 60 километри на час. Температурите ќе бидат во опаѓање, а утринските на некои места ќе се спуштат и под нулата.
Во Скопје, исто така, се очекува променливо облачно и нестабилно време со повремен дожд и засилен ветер од северен правец, проследено со пад на температурите.
