Домашниот пазар ги следи светските трендови
Македонскиот телекомуникациски пазар ги прати светските трендови. Низ годините е регистриран континуиран пад на цените и значително подобри услуги. Зголемената конкуренција резултираше со поатрактивни понуди за корисниците, а сè повеќе претплатници имаат паметтни телефони со интернет.

Од популарните пејџери, преку големите телефони и скапи импулси, до зголемена конкуренција, ниски цени, атрактивни понуди и мобилни од новата генерација. Домашниот телекомуникациски пазар низ годините ги следеше светските трендови. Во почетокот, плаќавме многу пари за уреди, кои од денешна перспектива, не задоволуваат никакви стандарди.
„Немаше никакви посебни перформанси. Мојот прв мобилен телефон беше подарок од татко ми.“
„Се сеќавам дека имаше игра на телефонот, што беше новитет за тоа време.“
„Имав Нокиа 3310, скапо беше тогаш“, се сеќаваат граѓаните.
Цените паднаа. На пазарот на мобилната телефонија од 2007-та се води жестока конкурентска битка меѓу трите водечки оператори. Се борат за претплатник повеќе и за поголем удел во колачот.
„Се сеќаваме на времињата кога една минута разговор чинеше повеќе од 30 или 40 денари, а сега, за споредба, една минута разговор во мобилните мрежи во Р. Македонија чини околу 2,8 денари“, изјави Владимир Ристевски, советник за анализа на пазар во АЕК.
Падот на цените за интерконекција ги намали и приходите на операторите, но сега тие се ориентирани кон услугите поврзани со мобилниот интернет и трансферот на податоци.
Промените на пазарот на телекомуникации се видливи. Сè помалку луѓе користат фиксен телефон, но затоа се зголемува бројот на претплатници во мобилнита телефонија, кој лани достигна над 2,2 милиони.Околу 40 проценти од корисниците имаат паметет телефон и користат мобилен интернет.
Мартин Пушевски
