САД

Напаѓачот во Вашингтон се соочува со доживотен затвор

28.04.2026 19:58

Пукотниците среде гала-вечера во Вашингтон-обид за атентат врз претседателот Доналд Трамп. 31-годишниот напаѓач Томас Ален обвинет за обид за убиство и уште две тешки кривични дела, му се заканува доживотен затвор. Властите велат-нападот бил планиран со недели, а целта биле високи државни функционери.

Напаѓачот кој пукаше на гала-вечерата во Вашингтон е обвинет за обид за убиство на претседателот Трамп. Доколку биде осуден, 31-годишниот Кол Томас Ален се соочува со доживотна казна затвор и со уште две обвиненија-употреба на огнено оружје при извршување насилно кривично дело, како и транспорт на оружјето преку граници на сојузни држави за извршување кривично дело.

„Првото обвинение е обид за атентат врз претседателот на соединетите американски држави. Ова обвинение е казниво со доживотен затвор. Второто обвинение е меѓудржавен транспорт на огнено оружје казниво со до 10 години затвор. А третото обвинение е пукање со огнено оружје за време на кривично дело насилно, што е казниво со задолжителна минимална казна затвор од 10 години, максимум доживотен затвор“, изјави Тод Бланш – вршител на должноста државен обвинител на САД.

Властите сугерираа дека нападот бил планиран најмалку неколку недели. Напаѓачот на 6 април сам резервирал соба во хотелот во Вашингтон каде што се одржал настанот под силно обезбедување.

„Ќе има дополнителни обвиненија како што продолжува оваа истрага. Но, не залажувајте се. Ова беше обид за атентат врз претседателот на Соединетите Американски Држави, при што обвинетиот јасно стави до знаење каква била неговата намера. А таа намера беше да собори што е можно повеќе високи функционери во кабинетот. Ова е ситуација што не можеме да ја толерираме“, изјави Жанин Пиро – обвинителка, САД.

Обвинетиот во саботата, пред да биде уапсен, влезе во хотел и застрела службеник на тајната служба, кој поради заштитниот елек не се здобил со потешки повреди.

 

Катерина Бојаџиева