Засилени активности за исполнување на роковите од реформската агенда
Министерот за европски прашања Беким Сали признава дека земјава заостанува во реформската агенда. Евроамбасадорот Рокас со став дека Владата ги засилила активностите за да ги стигне крајните рокови.

Изјавата на известителот Вајц и од еврокомесарката за проширување Кос дека Македонија заостанува во реформската агенда и може да ги загуби парите од европскиот План за раст, ја потврди и министерот за европски прашања Беким Сали. Вели, ова е предупредување за 10 чекори во агендата што треба да се завршат до крајот на јуни оваа година.
„Работиме на сите сфери, и грејс-периодот и на редовниот период во којшто треба да ги исполниме чекорите. Сметам дека нивната најава е превентивен знак за нашата држава дека треба да работиме понапорно. Сметам дека не заостануваме многу, од 10 точки со 6 сме при крај“, вели министерот за европски прашања Беким Сали.
И евроамбасадорот Рокас се согласува дека Вајц и Кос дале предупредување за Реформската агенда, но дека Владата ги засилила реформите за да ги стигне крајните рокови.
„Можам да го потврдам изнесеното од заменик-премиерот Сали, постојат 10 чекори да се завршат до крајот на јуни, а чиј грејс-период беше одложен за исполнување во јуни лани. Вака функционира системот за Реформската агенда и ако истече, парите ќе бидат загубени. Сега Владата и надлежните министри работат напорно да го постигнат тоа. Предупредувањето од еврокомесарката Кос не беше само за Северна Македонија туку и за другите земји од Западниот Балкан да ги исполнат реформските агенди“, изјави евроамбасадорот Михалис Рокас.
Сепак, некои закони што треба да се донесат нема да бидат готови до крајот на јуни, оти нема консензус за Изборниот законик, признава министерот Сали.
Известителот Вајц изјави дека уставните промени остануваат услов за отворање поглавја, и дека во последната година не се забележува напредок во спроведувањето на реформите.
Ирина Гелевска
