Две лица уапсени за семејно насилство, седум пријави за едно деноноќие
Полицијата регистрираше седум случаи на семејно насилство во изминатото деноноќие, при што две лица се лишени од слобода, а со три лица се извршени службени разговори. Во повеќе случаи пријавени се физички напади и закани кон сопружници и членови на семејството.

Две лица се лишени од слобода по пријави за семејно насилство, додека во уште три случаи полицијата извршила службени разговори со пријавените, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Во Струмица, 38-годишен маж бил приведен поради агресивно однесување кон сопругата, а во Крива Паланка 34-годишник бил уапсен поради физички напад и закани кон неговата сопруга.
Дополнително, пријави за закани се евидентирани во Велес и Штип, додека во Скопје се регистрирани неколку случаи на физичко насилство и семејни закани, при што со дел од осомничените се извршени службени разговори во полициски станици.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за расчистување на сите случаи и по нивно целосно документирање ќе следуваат соодветни пријави против сторителите.
