Презентирани резултатите од обдукцијата на жртвите во дискотеката „Пулс“
На главната расправа, Обвинителството ги презентираше извештаите од обдукциите. Одбраната на обвинетиот сопственик на дискотеката „Пулс“, Дејан Јованов-Деко го повтори барањето, ефективниот притвор да му биде заменет со куќен поради неговата влошена здравствена состојба. Родителите на загинатите реагираа – „пуштете го, ние ќе му пресудиме“.

Труење со јаглерод моноксид е причината за смртта кај повеќе од 90 насто од починатите во дискотеката „Пулс“. На главната расправа, Обвинителството ги презентираше извештаите од обдукциите. Неколкумина починале и од задушување откако останале без воздух, а уште неколку поради силен притисок на градниот кош. На следните рочишта, обдуцентите ќе појаснат за токсичноста на гасот и штетните испарувања, за да се разјаснат околностите поради кои дошло до смртен исход.
Изгореници од втор и трет степен, вдишување на продукти од согорувањето, повреди на горните дишни патишта, нагмечувања, скршеници. Обвинителката ги прочита и поединечните извештаи за тешките телесни повреди со кои се здобиле преживеаните.
Последните тројца сведоци на Обвинителството повторно не дојдоа на судењето. Едниот е недостапен за органите на прогонот, додека за останатите двајца сè уште не се готови психијатриските вештачења кои треба да утврдат дали воопшто се погодни за да сведочат пред судот.
Анита Димитријевска – Велковска
