Македонија

Случајот со врсничко насилство во Ѓорче Петров го става системот на тест

28.04.2026 16:52

Насилството меѓу деца не почнува кога ќе стане вест – туку кога сите мислат дека не е сериозно. По врсничкото насилство во Ѓорче Петров, 14 лица се повикани на разговор, а министерот Тошковски вели дека за дел од нив ќе биде поведена постапка. Паралелно, омбудсманот предупредува – ова не е само инцидент, туку сериозна повреда на правата на детето и сигнал за слабости во системот.

Случајот со врсничко насилство во скопско Ѓорче Петров веќе не е само изолиран инцидент, туку го става системот на тест, дали и кога реагира. Од Министерството за внатрешни работи велат дека четиринаесетмина се на распит, а за дел од нив ќе се спроведе и постапка.

„Се води истрага. 14 лица се повикани на разговор, и за дел од нив ќе следат процесни дејствија. Во рамки на овој предмет е вклучено и ЈО, по насока на јавен обвинител. За сите останати детали ќе биде информирана јавноста, но станува збор за малолетници и мора да одиме со редуцирани информации во јавноста имајќи го предвид овој вид криминалитет“, рече министерот Тошковски.

Паралелно, случајот го отвори и Народен правобранител – по сопствена иницијатива.

„Неопходно е да се обезбеди целосна, навремена и координирана заштита на детето жртва, како и да се утврдат сите околности и евентуални пропусти во постапувањето на надлежните субјекти. Надлежните институции да постапат со највисок степен на итност и одговорност, имајќи го предвид најдобриот интерес на детето како водечки принцип. Безбедноста на децата не смее да се сведе на формално исполнување на обврските, туку мора да значи реална, ефективна и суштинска заштита“велат од Канцеларијата на народниот правобранител.

Омбудсманот апелира на поголема родителска одговорност и грижа за децата, следење на однесувањето на своите деца, препознавање потенцијални ризици и навремено реагирање.

Истата порака ја упатуваат и од Заводот за ментално здравје кај деца и младинци, и потенцираат оти насилството е ринг во кој и жртвата и насилникот често носат свои рани – но одговорноста останува на системот да препознае и спречи.

„Оние деца кои го вршат булингот, тие обично не ги препознаваат своите деца дека се тие вршители на булингот, сè додека не почне да се зборува отворено за оваа проблематика, или училиштето да реагира. Ние како стручни лица апелираме кај тие деца кои вршат булинг, навремено да се почне еден вид на третман и социјална поддршка, бидејќи тие деца прераснуваат во нешто поопасно доколку продолжат да вршат булинг, а и самото општество подоцна ќе има проблеми со нив“, изјави д-р Ангелчо Андоновски, Завод за ментално здравје кај деца и младинци.

Овој случај покажува дека врсничкото насилство ретко започнува кога ќе стане вест – туку многу порано, во простор каде институциите најчесто немаат увид. Случајот во Ѓорче ја вознемири јавноста која прави силен притисок врз институциите, велат од МВР.

Не смеат да се кријат детали, но исто така мора да се биде внимателен кога се зборува за малолетници, па дури и ако е тоа за насилство.

Катерина Топалова