Кривичен суд

Обвинителството бара максимална казна за Стојанче Јовановски, одбраната ослободителна пресуда

28.04.2026 17:37

Завршни зборови во судскиот процес против Стојанче Јовановски за тешки кривични дела против неговата сопруга Ивана. Клучна фаза во постапката, по што судот ќе може да донесе пресуда...

На денот на трагедијата, на 2-ри март Ивана била во психолошки колапс, не гледала друг излез и затоа со себе ја зела и својата ќерка и си го одзела животот - ова во завршните зборови го наведе обвинителката која тврди дека обвинетиот Стојанче Јовановски со години вршел семејно насилство. Побара максимална за сите три кривични дела.

„Ваквата одлука не е во отсуство на љубов кон ќерката, туку во трагично изобличената перцепција на Ивана под траума, илузијата на Ивана дека детето е заштитено ако е со неа. Во состојба на когнитивно-патолошка перцепција дека детето е во непосредна опасност и дека единствениот начин да го заштити е да го задржи кај себе. Тоа се јавува кај жртви на трауми и насилство, верувала дека Катја ќе страда ако остане со Стојанче“, рече обвинителката.

Најстрога казна побара и семејството на Ивана.

„Судовите мора да обрнат внимание на континуираното насилство и санкција која единствено се однесува само на еден изолиран инцидент, за еден ден не претставува соодветна казна и заради тоа бараме тоа судот особено да го цени при утврдувањето на казната, континуитетот на насилството кое особено е важно за третото кривично дело кое се става на товар на обвинетиот а тоа е наведувањето на самоубиството“, рече Неда Чаловска Димовска – адвокатка на семејството на Ивана.

Обвинетиот Јовановски побара судот да биде објективен, а изјавите на сведоците да се земат со претпазливост. Тој негира дека ја навел неговата сопруга на самоубиство . Според него, стручните лица во постапката изјавиле дека повредите на Ивана не потекнуваат од критичниот ден. Тврди дека сведокот Мартин Саздов ја удрил неговата сопруга.

„Во неговото возило додека Ивана седеше позади него, замавна со неговата десна рака во пределот на десната страна на вилицата на мојата сопруга. Стручните медицински лица констатираат за другите повреди дека се постари од 2-3 дена. Во мојата изјава прецизно кажав дека тие повреди се нанесени од Мартин Саздов кога ги прочита пораките меѓу мене и Ивана коишто Ивана ми ги пишуваше и уште се во мојот телефонски уред“, изјави обвинетиот Стојанче Јовановски.

Одбраната не негира дека Јовановски бил насилен и се однесувал сурово кон сопругата, но смета дека за наведување на самоубиство треба да му се суди и на Мартин Саздов, бидејќи ако тој не бил во љубовниот триаголник, жртвата немало да биде во безизлезна состојба и да посегне по животот.

Пресудата за Стојанче Јовановски е закажана за седми мај. Тој се товари за три кривични дела – за телесни повреди, загрозување на сигурноста и наведување на самоубиство на сопругата Ивана.

Андријана Ѓурческа