Семејството на Дениса се надева дека таа е жива и здрава
Сеуште нема никакви информации за исчезната Дениса Маркоска. Нејзините родители се надеваат на добри вести. Немилиот настан го отвора прашањето со желбата за подобра заработувачка колку се води сметка за бонитетот на компаниите кои најмуваат работници.

Можеби нема да можеме да се слушнеме неколку денови затоа што ќе немам интернет, чао и сите ве сакам“, ова биле последните зборови на Дениса Маркоска, која таа преку ФБ ги упатила на своите родители. Нејзниот татко кој и денеска не сакаше јавно да зборува вели дека и покрај оваа порака не се сомнева на ништо и се надева дека Дениса е жива и здрава и дека секој момент ќе им се јави. За нејзиното исчезнување на 12 септември од бродот Серенисима кој пловеле од Родос кон Крит и денеска нема одговор од грчките власти, само тоа дека предметот бил кај јавниот обвинител на Крит. Блаже Стојаноски кој 7 години работел на брод вели дека со компаниите со кој тој соработувал безбедноста била на највисоко ниво, но имало и компании кои имале лоши услови.
„Бродовите беа комплетно покриени со камери, на влез и излез од бродот имаш сопствена картичка која мораш да ја чекираш, и нема шанси компанијата да не знае во секој момент каде се наоѓаш. За жал овој немил настан кој се случи можам да кажам, дека можеби е резултат на непроверена компанија, која зема работници од кај нас, сиромаштијата си го прави своето“, рече Блаже Стојаноски, екс работник на брод.
Тој апелира младите да бидат внимателни кога одбираат во која компанија да работат. И од агенцијата Коузон која веќе 17 години се занимава со ова велат дека досега немале вакво негативно искуство.
„Овие бродски компании се обезбедени со средства за видео надзор, кој во секој момент ги следат сите отворени палуби, постои и обезбедување кое постојано патролира по палубите“, истакна Ирена Петреска од Агенција за посредување за работа.
Младите се поделени околу заминувањето на брод.
„Би заминале на брод бидејќи има поубави услови и заработувачка“, велат дел од граѓаните.
„Не би заминала на брод, сакам да најдам подобра работа тука“, велат други граѓани.
Бродовите стана вистински хит помеѓу младите, а мотивот секако е добрата заработувачка.
Дарко Штаргоски
