Блиски Исток

Се продлабочува кризата на Блискиот Исток

29.04.2026 11:35

Продолжува неизвесноста во снабдувањето со нафта. Ормускиот теснец и натаму под блокади. Иранските власти децидни, војната со САД и Израел не е завршена. Трамп тврди, Техеран не смее да поседува нуклеарно оружје. Меѓународната агенција за атомска енергија бара да ги провери сите нуклеарни постојки за кои се сомнева дека имаат одреден нуклеарен материјал. Арапските земји бараат сеопфатен договор и не сакаат да бидат искористени во војната.

Меѓународната агенција за атомска енергија верува дека поголемиот дел од високо збогатениот ураниум на Иран сè уште е во нуклеарниот комплекс надвор од Исфахан, кој беше цел на воздушни напади изминатата година и неодамна. Агенцијата бара да ги провери и другите нуклеарни постојки за кои се сомнева дека имаат одреден нуклеарен материјал.

„Мора да разбереме дека кога велиме Исфахан, тоа не е едно место. Тоа е локација која содржи голем број згради, објекти, тунели, места каде што се работело на различни активности поврзани со циклусот на нуклеарно гориво“, изјави Рафаел Гроси, генерален директор на Меѓународната агенција за атомска енергија.

Техеран инсистира од разговорите за мир со САД да биде изземено нуклеарното прашање. Дијалогот меѓу завојуваните страни е во мирување, во сила е продолжено примирје, но иранските власти уверуваат дека војната со САД и Израел не е завршена.

„Не сметаме дека војната е завршена, од денот кога војната заврши, или со други зборови, имаше прекин на огнот или тишина на бојното поле. Бидејќи немаме доверба во Америка и нашите непријатели. Како што и секогаш правевме за време на војната, вложивме сериозни напори да ги ажурираме нашите цели“, истакна бригаден генерал Мохамад Акрами Ниа, портпарол на иранската армија.

За време на официјалната вечера во Белата Куќа, организирана во чест на Кралот Чарлс трети и неговата сопруга, Трамп истакна дека со британскиот монарх се согласни дека Иран не смее да поседува нуклеарно оружје

„Ние работиме малку на Блискиот Исток токму сега и се справуваме многу добро. Воено го победивме тој конкретен противник. Чарлс се согласува со мене дури и повеќе од мене. Никогаш нема да му дозволиме на тој противник да има нуклеарно оружје“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.

И додека продолжуваат блокадите во Ормускиот теснец, лидерите од Заливот по состанокот во Ријад побараа сеопфатен договор и ставија до знаење дека нема да дозволат да бидат искористени во војната. Во исто време, Емиратите објавија дека се повлекуваат од ОПЕК и ОПЕК+, од први мај, што според регионалните медиуми се должи на недоволната заштита од арапските земји за време на бројните ирански напади.

Маријана Димовска