Војната во Украина беснее, светскиот фокус на Блискиот Исток
САД се премногу зафатени со Иран за да се фокусираат на војната во Украина, истакна Зеленски, додавајќи дека неговиот тим е во постојан контакт со американските партнери за да се осигури дека ги разбираат и ризиците и перспективите. Рускиот претседател пак, предупреди за акти на саботажа и тероризам пред есенските избори во анексираните региони...

Војната во Украина се интензивира во сенка на конфликтот на Блискиот Исток. Зеленски предупредува дека префрлањето на фокусот на САД кон Иран влијае на поддршката за Киев и на можни руски воени активности, вклучително и кон земји членки на НАТО.
„Разбираме како војната во Иран влијае врз расположението на американскиот тим. Тие се преокупирани со други прашања — не со војната во Европа. Европа има помалку можности да влијае врз Русија. Но ние имаме свои задачи. Украинскиот тим е во постојан контакт со нашите американски партнери за да се осигури дека ги разбираат ризиците и перспективите, но и со партнерите во Европа“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
ЕУ повторно ја потврди поддршката за Украина. Најави дека уште овој квартал ќе и ја исплати првата транша од 45 милијарди евра од заемот од 90 милијарди за Киев.
„Нашата порака е многу јасна. Ќе ја продолжиме нашата поддршка за храбриот украински народ и неговите вооружени сили“, изјави Урсула Фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
Русија порача дека е подготвена за решение, но дека Киев и Западот не можат да ги диктираат условите, инсистирајќи дека Крим, Донбас и Новорусија мора да бидат признаени како руски. Путин предупреди на можни саботажи и тероризам пред изборите во новоинтегрираните региони, додека нападите продолжуваат на двете страни. Романија крена авиони поради руски дронови, а Киев изврши удари на руска територија. По нападите врз рафинеријата во Туапсе, пожар и во индустриски објект во Пермскиот регион. Москва го обвини Киев за напади врз цивилна инфраструктура и „терористички методи“.
„Знаеме дека и киевскиот режим и неговите поддржувачи прибегнаа кон отворено терористички методи, бидејќи непријателот не е во состојба да го запре напредувањето на нашите трупи. Тие губат територија секој ден. Оттука и потпирањето на терор. Тоа нема да промени ништо, но заканите се тука и растат“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
При посетата на САД, Кралот Чарлс Трети повика на „непопустлива решителност“ во одбраната на Украина, нагласувајќи дека е потребна за постигнување праведен и траен мир. Потсети дека колективната одбрана на НАТО досега била активирана само по нападите од 11 септември во САД.
„Истата таа непопустлива решителност е потребна за одбрана на Украина и нејзиниот народ. Таа е потребна за да се обезбеди вистински праведен и траен мир. Не се впуштаме во овие извонредни потфати заедно од чувства. Го правиме тоа затоа што тие градат поголема заедничка отпорност за иднината и за безбедноста на идните генерации“, нагласи Кралот Чарлс Трети.
Изјавата на британскиот монарх доаѓа како суптилна одбрана на трансатлантскиот воен сојуз во момент на зачестените закани од Трамп за повлекувањето на САД од него.
Бојана Крстевски
