Преговорите мируваат, тензиите растат на Блискиот Исток
Продолжува неизвесноста во снабдувањето со нафта. Ормускиот теснец и натаму под блокади. Иранските власти децидни, војната со САД и Израел не е завршена. Трамп тврди, Техеран не смее да поседува нуклеарно оружје. ЕУ дебатира за влијанијата и ризиците од војната на Блискиот Исток. Меѓународната агенција за атомска енергија бара да ги провери сите нуклеарни постојки за кои се сомнева дека имаат одреден нуклеарен материјал …

Меѓународната агенција за атомска енергија верува дека поголемиот дел од високо збогатениот ураниум на Иран сè уште е во нуклеарниот комплекс надвор од Исфахан, кој беше цел на воздушни напади. Агенцијата бара проверка и на други нуклеарни постојки за кои се сомнева дека имаат нуклеарен материјал.
„Мора да разбереме дека кога велиме Исфахан, тоа не е едно место. Тоа е локација која содржи голем број згради, објекти, тунели, места каде што се работело на различни активности поврзани со циклусот на нуклеарно гориво“, изјави Рафаел Гроси- генерален директор на Меѓународната агенција за атомска енергија.
Техеран инсистира од разговорите за мир со САД да биде изземено нуклеарното прашање. Дијалогот е во мирување, во сила е продолжено примирје, но иранските власти уверуваат дека војната не е завршена.
„Не сметаме дека војната е завршена, од денот кога војната заврши, или со други зборови, имаше прекин на огнот или тишина на бојното поле. Бидејќи немаме доверба во Америка и нашите непријатели. Како што и секогаш правевме за време на војната, вложивме сериозни напори да ги ажурираме нашите цели“, изјави бригаден генерал Мохамад Акрами Ниа – портпарол на иранската армија.
За време на официјалната вечера во Белата Куќа во чест на Кралот Чарлс трети и неговата сопруга, Трамп одново истакна Иран не смее да поседува нуклеарно оружје.
„Ние работиме малку на Блискиот Исток токму сега и се справуваме многу добро. Воено го победивме тој конкретен противник. Чарлс се согласува со мене дури и повеќе од мене. Никогаш нема да му дозволиме на тој противник да има нуклеарно оружје“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.
И додека продолжуваат блокадите во Ормускиот теснец, влијанието од војната на Блискиот Исток тема во Европарламентот и на состанокот на министри за транспорт, телекомуникации и енергетика на ЕУ во Кипар.
„Ова е втора енергетска криза во рок од четири години. И лекцијата треба да биде многу јасна. Мораме да ја намалиме нашата прекумерна зависност од увезени фосилни горива и мора да го зголемиме нашето домашно, прифатливо снабдување со чиста енергија од обновливи извори до нуклеарна енергија, со целосно почитување на технологијата и неутралноста“, изјави Урсула Фон Дер Лајен – претседателка на Европската комисија.
Вчера, лидерите од Заливот побараа сеопфатен договор за крај на војната во Иран и истакнаа дека нема да дозволат да бидат искористени. Во исто време, Емиратите објавија дека се повлекуваат од ОПЕК, што според регионалните медиуми, се должи на недоволната заштита од арапските земји за време на бројните ирански напади.
Маријана Димовска
