Регионалната депонија во Новаци ќе затвори 16 други
Во Пелагонија и во Југозападниот регион се најавува системска промена – со една регионална депонија што треба да затвори дури 16 постојни. Регионалниот центар за управување со отпад ќе се гради во Новаци и ќе опслужува околу 350.000 жители од 18 општини.

Депонии без стандарди, чад и отпад што со години завршува на исто место. Оваа слика треба да стане минато. Со заем од ЕБОР, државата гради две санитарни депонии со неколку трансфер-станици. Во Пелагонија и во Југозападниот регион се најавува системска промена – со една регионална депонија што треба да затвори дури 16 постојни. Регионалниот центар за управување со отпад ќе се гради во Новаци и ќе опслужува околу 350.000 жители од 18 општини.
Паралелно, веќе почна дистрибуција на канти за селекција – граѓаните ќе добијат две различни бои за отпад, а комуналните претпријатија нови камиони за собирање. Од Министерството, решението го гледаат во регионален пристап, со заедничко управување и ново регионално комунално претпријатие.
Додека се гради центарот, селектираниот отпад – пластика, метал и други суровини – ќе се предава директно на компании за рециклирање. Планот е постепено да се воспостави систем по европски стандарди, со јасни правила и контрола.
Во 2018 година, Владата ги повикала тогашните градоначалници на општините за да им ја соопшти идејата за регионални депонии. Оттогаш трае оваа приказна.
До крајот на 2026 година се очекува да биде комплетирана и инфраструктурата – но клучот, велат надлежните, нема да биде само во кантите и камионите, туку во координацијата и одговорноста на локално ниво.
Катерина Топалова
