Народен правобранител

Алармантни бројки на сексуална злоупотреба на деца

29.04.2026 17:26

За шест години, над 600 пријавени случаи на сексуална злоупотреба на деца – најмалото имало само 3 години. На денот кога народниот правобранител претстави алармантни податоци, нов грозоморен случај во Гостивар...

Притвор за 14-годишно момче од Гостивар кое извршило обљуба врз една година помалата сестра додека родителите не биле дома. Вознемирувањето почнало преку пораки – на жртвата и испраќал непристојни и експлицитни содржини. Малолетничката е згрижена во центарот за социјални работи.

„Во февруари 2026 година во два наврати го искористил отсуството на родителите и извршил обљуба врз неговата 13-годишна сестра. Малолетниот брат подолг временски период испраќал пораки со непристојна и експлицитна содржина на жртвата, а во два наврати против нејзината волја ја принудил на сексуални односи“, се наведува во соопштението на Јавно обвинителство.

Над 600 деца биле жртви на сексуална злоупотреба во последните шест години. Само лани имало 96 случаи. Најчестото дело е силување. Меѓу жртвите има деца под 10 години, па дури и од три – што е сериозен сигнал за слабости во системот на заштита на децата, предупредува народниот правобранител.

„Како најчести пријавувачи на случаите се јавуваат родителите и медицинските установи, а поретко образовните институции и центрите за социјална работа што укажува на потребата од засилување на едукативната и заштитната на училиштата и центрите за социјална работ. Анализата покажува постоење на стигна, страв и недоверба кај жртвите и нивните семејства кои често одбиваат да соработуваат поради срам. Молкот на жртвите упатува на неопходност од поголем број доверливи механизми за пријавување на вакви случаи“, рече Васка Бајрамовска Мустафа, заменик – народен правобранител.

И покрај законските одредби со жртвата да се разговара само еднаш, тоа се случува повеќекратно – во полиција, Центарот за социјални работи, Обвинителството и во судството, преживувајќи ја траумата одново. Особено ранлива е ромската популација.

Сексуалната злоупотреба на деца е сериозен и континуиран проблем во земјава – заклучува народниот правобранител. И покрај законската рамка, системот не обезбедува навремена заштита на децата жртви.

Андријана Ѓурческа