Македонија

Код за верификација при регистрација на возила – МВР воведува нова мерка за „Безбеден град“

29.04.2026 15:51

Сопствениците на возила ќе добиваат код на мобилен телефон и е-пошта при регистрација, со цел да се избегнат грешки при доставата на санкции.

Министерството за внатрешни работи информира дека се воведува нова постапка при регистрација на возила, со која се врши верификација на контакт податоците на сопствениците.

Имено, при регистрација во станиците за технички преглед или во управните служби, сопственикот на возилото на шалтер на МВР остава телефонски број и електронска адреса, по што добива код за потврда на нивната точност.

Со внесување на кодот се потврдува дека доставените податоци се валидни и дека му припаѓаат на сопственикот.

Од МВР посочуваат дека оваа измена има за цел да се избегнат евентуални грешки при испраќањето на санкциите од системот „Безбеден град“, кои и понатаму ќе се доставуваат преку СМС пораки и електронска пошта до сторителите на прекршоците.