Политика

Мицкоски: Ги спроведуваме реформите за членство во ЕУ

29.04.2026 17:58

Интервјуто на известителот за Македонија во Европскиот парламент, во кое тој за бугарски медиум вели дека нема напредок во реформите, било дадено пред седум недели. Но, тоа беше доволно за бура реакции на домашната политичка сцена. Премиерот Мицкоски порачува дека Владата прави сè што е во нејзина моќ да ги испорача реформите. Опозицијата предупреди дека останува обврската за уставни промени. Не поминува иницијативата на ДУИ за собирање потписи.

Известителот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц појасни дека даденото интервју за бугарски медиум, во кое вели дека нема реформи, е дадено пред речиси два месеца. Оттогаш има напредок во процесот. Според премиерот Мицкоски, ова е потврда дека се преземаат неопходните чекори. До финалниот рок во јуни се преостанати уште 10 чекори, но, дел свесно нема да се преземат зашто тоа би било на штета на граѓаните, објаснува премиерот.

Според СДСМ, власта ретерира во однос на уставните измени. Оттаму прашуваат дали се подготвува терен за внесување на Бугарите во Уставот.

„По месеци на жестока кампања, во која СДСМ нè обвинуваше дека сме „предавници“ и дека „продаваме идентитет“ само зашто баравме уставни измени за продолжување на преговорите со ЕУ, сега ВМРО-ОКГ самата најавува дека ќе ги внесе Бугарите во Уставот“, велат од опозициската партија.

Опозицијата обвинува дека Владата го кочи евроинтегративниот процес. Пратениците од европскиот фронт веќе почнаа иницијатива за собирање потписи за уставните измени.

Со цел забрзување на евроинтегративниот процес пратениците на ДУИ поднесоа иницијатива за Уставните измени – Владејачката коалиција ја оцени како несериозна.

Кога политичкиот процес се претставува низ етничка призма, се праќа порака дека граѓаните не треба да бидат обединети околу националниот интерес – предупредуваат од ЗНАМ. Оттаму повикаа да не се поткопува кохезијата.

Шефицата на државата Сиљановска-Давкова вели дека иницијативите се проактивна работа на пратениците, но ДУИ прво треба да ја преброи својата застапеност во Собранието, за да може да се надева на успех.

Владата останува на својот став дека нема да пристапи кон промена на Уставот без цврсти гаранции од ЕУ дека ќе нема нови блокади.

Марина Стојанова-Тонева