Затворски казни за Штекли и соработниците
Кривичниот суд ја изрече пресудата за криминалната група на Раде Трајковски. Штекли доби осум години затвор, зад решетки одат уште четворица негови соработници. Сите се осудени за производство и дистрибуција на дрога.

Осум години затвор за Раде Трајковски-Штекли. Ваква пресуда изрече Кривичниот суд во Скопје, кој го прогласи за виновен, затоа што организирал група за трговија со наркотични средства, кокаин и марихуана. Останатите тројца од групата добија петгодишни затворски казни, а на еден му беше изречена тригодишна казна затвор.
Според обвинението, групата дејствувала од почетокот на 2024-та до почетокот на 2025-та година и била добро организирана, со јасно дефинирани улоги, од набавката до продажбата, а дрогата се чувала во изнајмени станови.
Клучните докази биле обезбедени преку систем за анализа на мобилните телефони. Обвинението првично опфаќаше 16 лица, но дел се спогодија и добија затворски казни, а други самите признаа вина. Одбраната најави жалби на пресудите.
Судот не го прифати барањето на одбраната, мерките ефективен притвор да се заменат со куќен, до правосилност на пресудите.
Марија Котовска
