Блиски Исток

САД тврдат дека разговорите со Иран напредуваат, нуклеарното прашање останува камен на сопнување

30.04.2026 08:57

Трамп предупреди дека без откажување од нуклеарно оружје нема договор, ниту укинување на поморската блокада. Потврди дека разговарал со рускиот колега за ситуацијата, при што Путин му понудил помош околу прашањето со збогатениот ураниум...

Телефонска дипломатија наместо директни средби – САД тврдат дека разговорите со Иран напредуваат, но нуклеарното прашање останува камен на сопнување. Трамп предупреди дека без откажување од нуклеарно оружје нема договор, ниту укинување на поморската блокада. Потврди дека разговарал со рускиот колега за ситуацијата, при што Путин му понудил помош околу прашањето со збогатениот ураниум.

„Повеќе не летаме по 18 часа. Сега тоа го правиме телефонски. Тие направија голем напредок, но прашањето е дали ќе одат докрај. Никогаш нема да има договор ако не се согласат да немаат нуклеарно оружје. Путин исто така не сака тие да имаат нуклеарно оружје. Тој ми рече дека би сакал да биде вклучен во прашањето со збогатувањето, ако може да ни помогне околу тоа, но многу повеќе би сакал да биде вклучен во завршување на војната во Украина. За мене тоа е поважно“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Техеран се закани со невидена акција како одговор на американската поморска блокада. Во услови на зголемени тензии, шефот на МААЕ предупреди дека прашањето со високо збогатениот ураниум на Иран мора итно да се реши.

„Сè додека нашите инспектори немаат пристап не можеме со сигурност да кажеме што се случува на теренот“, рече Рафаел Гроси, шеф на МААЕ.

Медијаторите во Пакистан во следните денови очекуваат ревидиран мировен предлог од Иран, додека Израел и Хезболах се обвинуваат за прекршување на примирјето. Во меѓувреме, британските власти го осудија нападот врз двајцата евреи избодени со нож во Лондон како терористички чин.