Тензии и закани меѓу САД и Иран
Трамп порача дека без откажување од нуклеарно оружје нема договор, ниту укинување на поморската блокада. Од Техеран закани – нема да толерираме продолжување на блокадата и ќе одговориме со акција.

Телефонска дипломатија наместо директни средби – САД тврдат дека разговорите со Иран сè уште не донеле клучен напредок. Трамп порача дека без откажување од нуклеарно оружје нема договор, ниту укинување на поморската блокада, додавајќи дека Техеран треба „наскоро да се освести“. Потврди дека разговарал со рускиот колега за ситуацијата, при што Путин му понудил помош околу прашањето со збогатениот ураниум.
„Повеќе не летаме по 18 часа. Сега тоа го правиме телефонски. Тие направија голем напредок, но прашањето е дали ќе одат докрај. Никогаш нема да има договор ако не се согласат да немаат нуклеарно оружје. Путин исто така не сака тие да имаат нуклеарно оружје. Тој ми рече дека би сакал да биде вклучен во прашањето со збогатувањето, ако може да ни помогне околу тоа, но многу повеќе би сакал да биде вклучен во завршување на војната во Украина“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.
Во меѓувреме, медијаторите во Пакистан очекуваат ревидиран мировен предлог од Иран, додека од Техеран пристигнуваат остри пораки дека продолжувањето на блокадата нема да биде толерирано и дека ќе следи „практична и невидена акција“. Иранската мисија во ОН обвини дека САД го користат прашањето со збогатениот ураниум за политички притисок и одвлекување внимание.
„Иранскиот збогатен ураниум отсекогаш бил под надзор на Меѓународната агенција за атомска енергија. Нема извештаи за пренасочување дури ни на еден грам ирански нуклеарен материјал. САД ја искористија Конференцијата за преглед на Договорот за неширење на нуклеарно оружје и го претставија нашиот збогатен ураниум како закана со цел да го одвлечат вниманието од сопствените и прекршувањата на нивните сојузници во областа на нуклеарното разоружување“-Соопштение на Постојаната мисија на Иран во ООН.
Од друга страна, шефот на МААЕ предупредува дека состојбата со иранските залихи мора итно да се провери.
„Прашањето за многу високо збогатен нуклеарен материјал близок до ниво за оружје, ние го следевме и проверувавме до јуни 2025 година. Не знаеме дали состојбата е иста. Сè додека нашите инспектори немаат пристап за да го потврдат тоа, не можеме со сигурност да кажеме што се случува на теренот“, изјави Рафаел Гроси – шеф на МААЕ.
Заострената реторика веќе ги потисна цените на нафтата нагоре, додека Израел и Хезболах продолжуваат со меѓусебни обвинувања за прекршување на примирјето. Во исто време, во Вашингтон се отвора нова дебата околу воените трошоци – Белата куќа бара 1,5 трилиони долари дополнителен одбранбен буџет, во момент кога трошоците за војната во Иран се проценуваат на 25 милијарди долари.
Бојана Крстевски
