Андоновски на средба со хрватскиот министер за правда и дигитализација Хабијан
На средбата беа разменети искуства за развојот на дигитални услуги за граѓаните, со посебен осврт на мобилните апликации и платформите преку кои граѓаните полесно пристапуваат до услугите на институциите...

Во рамки на работната посета на Загреб, Хрватска, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, оствари средба со министерот за правда, јавна администрација и дигитална трансформација на Република Хрватска, Дамир Хабијан, на која се разговараше за унапредување на соработката во областа на дигиталната трансформација, модернизацијата на јавните услуги и јакнењето на дигиталната инфраструктура.
На средбата беа разменети искуства за развојот на дигитални услуги за граѓаните, со посебен осврт на мобилните апликации и платформите преку кои граѓаните полесно пристапуваат до услугите на институциите. Беше нагласено дека силната инфраструктура, интероперабилноста меѓу институциите и безбедната размена на податоци се клучни за ефикасна дигитална трансформација на јавниот сектор.
Посебен акцент беше ставен на хрватските искуства во дигитализацијата на архивското работење, е-архивата и системите за управување со документи — DMS. Министерот Андоновски истакна дека ваквите искуства се особено важни за процесите што Министерството за дигитална трансформација ги спроведува во насока на воспоставување поефикасна, транспарентна и дигитално поддржана јавна администрација. „Богатото искуство на Хрватска во дигитализацијата на процесите во јавната администрација и правосудството е од исклучително значење за македонскиот процес на дигитална трансформација.“
На средбата беше разговарано и за можноста за организирање обуки и размена на експерти меѓу двете земји, особено во областа на архивското работење и електронското управување со документи. Воедно, беше отворена и можноста за заедничка соработка преку твининг-проекти и европски механизми за поддршка на дигиталната трансформација.
Министерот Андоновски ја истакна Република Хрватска како добар пример за дигитализација на јавниот сектор и нагласи дека соработката со земјите од регионот и Европската Унија е од особено значење за забрзување на реформските процеси во Македонија.
Двајцата министри изразија подготвеност за продолжување на комуникацијата и иницирање конкретни активности за продлабочување на билатералната соработка во областа на дигиталната трансформација.
Билатералната средба на министрите е дел од посетата на Андоновски на Хрватска и учеството на Форумот на IDU. Како член на Извршниот одбор на ИДУ, Андоновски ќе учествува и на седницата на Извршниот одбор во текот на утрешниот ден.
