Трамп подготвува продолжена блокада на иранските пристаништа и предупредува дека Техеран „мора да се освести“
Цените на нафтата скокнаа над 126 долари за барел, додека Трамп подготвува продолжена блокада на иранските пристаништа и предупредува дека Техеран „мора да се освести“. Иран возвраќа со закани, оценувајќи дека блокадата е „осудена на неуспех“, додека Пакистан го очекува ревидираниот мировен предлог. Путин им понуди на САД помош околу ураниумот, додека во Вашингтон се отвора жестока дебата – Белата куќа бара 1,5 трилиони долари дополнителен одбранбен буџет, во момент кога трошоците за војната во Иран се проценуваат на околу 25 милијарди долари...

Телефонска дипломатија наместо директни средби – САД тврдат дека разговорите со Иран се уште не донеле клучен напредок. Трамп порача дека без откажување од нуклеарно оружје нема договор, ниту укинување на поморската блокада, додавајќи дека Техеран треба „наскоро да се освести“. Потврди дека разговарал со рускиот колега за ситуацијата, при што Путин му понудил помош околу прашањето со збогатениот ураниум.
„Повеќе не летаме по 18 часа. Сега тоа го правиме телефонски. Тие направија голем напредок, но прашањето е дали ќе одат докрај. Никогаш нема да има договор ако не се согласат да немаат нуклеарно оружје. Путин исто така не сака тие да имаат нуклеарно оружје“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Додека медијаторите во Пакистан очекуваат ревидиран мировен предлог од Иран, Техеран се закани дека на продолжената блокада ќе одговори со „практична и невидена акција“. Иранската мисија во ОН обвини дека САД го користат прашањето со збогатениот ураниум за политички притисок и одвлекување внимание.
„Иранскиот збогатен ураниум отсекогаш бил под надзор на Меѓународната агенција за атомска енергија. Нема извештаи за пренасочување дури ни на еден грам ирански нуклеарен материјал. САД го претставија нашиот збогатен ураниум како закана за да го одвлечат вниманието од сопствените прекршувања“, стои во соопштението на Постојаната мисија на Иран во ООН.
Од друга страна, шефот на МААЕ предупредува дека состојбата со иранските залихи мора итно да се провери.
„Прашањето за многу високо збогатен нуклеарен материјал близок до ниво за оружје, ние го следевме и проверувавме до јуни 2025 година. Не знаеме дали состојбата е иста. Сè додека нашите инспектори немаат пристап за да го потврдат тоа, не можеме со сигурност да кажеме што се случува на теренот“, изјави Рафаел Гроси, шеф на МААЕ.
Израел и Хезболах продолжуваат со меѓусебни напади и обвинувања за прекршување на примирјето во Либан.
„Жените и децата остануваат непропорционално погодени. Острата ескалација на насилството ги поништи неодамнешните придобивки во безбедноста на храната и ја врати земјата во криза“, изјави Стефан Дуражик, портпарол на генералниот секретар на ООН.
Последните случувања на Блискиот Исток, повторно ги турна цените на нафтата нагоре.
Бојана Крстевски
