Репортери без граници

Македонија со пад од три места на индексот за слобода на медиумите на Репортери без граници

30.04.2026 12:45

Земјата е класифицирана во групата со „проблематична“ состојба, а пад е забележан кај сите пет клучни индикатори што ја мерат слободата на медиумите...

Македонија падна за три места на глобалниот Индекс за слобода на медиумите што денеска го објави меѓународната организација „Репортери без граници“.

Земјата е класифицирана во групата со „проблематична“ состојба, а пад е забележан кај сите пет клучни индикатори што ја мерат слободата на медиумите.

Од регионот, во групата земји со „задоволителна“ состојба се само Словенија и Црна Гора, Хрватска е во групата со „проблематични“, како и Бугарија, Албанија и Грција, а Босна и Херцеговина и Србија се во категоријата „тешка“ состојба.

Норвешка го задржува првото место десетта година по ред, додека Еритреја е на последното место трета година по ред. Сирија по Асад бележи најголемо подобрување од сите земји со скок од 36 места во рангирањето. За првпат во историјата на индексот за слобода на медиумите на „Репортери без граници“, повеќе од половина од земјите во светот сега спаѓаат во категориите „тешка“ или „многу сериозна“ состојба за слободата на медиумите.