МАНУ

Конференција за јавни финансии со препораки за реформи

30.04.2026 18:48

Со ниски и нестабилни фискални мултипликатори се бори македонската економија, ова се дел од оценките на конференцијата во МАНУ. Во фокусот ефикасноста на јавните финансии и јавниот долг. Фискалниот совет, научниците од МАНУ и универзитетски професори со свои истражувања.

Ниска ефикасност на буџетските средства за субвенциите и капиталните инвестиции укажуваат истражувањата кои беа презентирани на Конференцијата за ефикасност на јавни финансии. Според образложението, домашното производство се намалува, увозот на земјоделски производи се зголемува. Препораките се субвенциите да одат во вистински раце и да се одредуваат според производство, а не посеви. При реализација на капиталните инвестиции неопходно е зајакнување на капацитетот на јавната администрација за изработка за сериозна физибилити студија.

Од Фискалниот совет препорачуваат усогласеност на монетарната и фискалната политика. Наместо краткорочни мерки како намалување на ДДВ-то и акцизата што важат за сите категории, да има таргетирани мерки за заштита на одредена група граѓани.

Фискалната политика во наредниот период ќе се соочи со предизвик да го усогласи намалувањето на буџетскиот дефицит со потребата од економски раст, оцени министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Сервисирањето на долгогодишниот долг е сериозен товар за буџетот според експертите. Велат, Македонија е на златна средина по јавниот долг, не е превисок, но не остава простор за справување со идни кризи. Го оптоваруваат демографските предизвици, предизвиците во пензискиот систем, издвојувањата на одбраната и геополитичката криза.

Конференцијата се одржа во пресрет на новата фискална стратегија 2027-2031 година со цел намалување на буџетскиот дефицит.

 

Александра Велинова