Пад од три места на Индексот за слобода на медиумите
Македонија падна за три места на Индексот за слобода на медиуми на „Репортери без граници“. Состојбата оценета како проблематична.

Македонија падна за три места на Индексот за слобода на медиуми на „Репортери без граници“ и сега се наоѓа на 45-то место, со состојба оценета како проблематична.
Во извештајот е наведено дека, иако новинарите не работат во непријателска средина, сепак, широко распространетото дезинформирање и недостатокот на професионализам придонесуваат за пад на довербата во медиумите.
Се забележува и дека владини претставници имаат тенденција да имаат понижувачки став кон новинарите, критичкото новинарство е сè повеќе предмет на напади, стратешките тужби се користат за притисоци и заплашување, а постои и силна поларизација. Падот од три места е опомена, вели првиот човек на ЗНМ, Младен Чадиковски.
Нашата професија се соочува со сериозни предизвици, ниски примања, сè повеќе притисоци врз новинарите и недоволна заштита. Овој извештај велат од ССНМ, да биде аларм дека без достоинствени услови, нема слободни независни и професионални медиуми.
Пад има во сите пет индикатори, иако, од земјите во регионот, подобро од Македонија се рангирани само Словенија и Црна Гора, а зад нас се Хрватска, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Бугарија, Грција и Србија.
Глобално, ова е најлош извештај досега – за прв пат во историјата на индексот, состојбата во над половина од земјите во светот е оценета како тешка или многу сериозна.
Александра Спировска
