Кривичен суд

Осомничена во случајот „ИПАРД“ призна вина

30.04.2026 17:36

Деветмина, меѓу кои и ексдиректорот на Платежната агенција, Илија Стоилев на обвинителна клупа за злоупотреба на пари од ИПАРД програмата. Поранешна вработена во Министерството за земјоделство призна вина.

Обвинетата Јасмина Костадинова, вработена во Министерството за земјоделство призна вина дека примила награда од 2.000 евра, со што и помогнала на фирма, која не ги исполнувала критериумите да добие пари од ИПАРД програмата. Вака започна судскиот процес во кој се обвинети уште осуммина други за примање и давање поткуп од 50.000 евра.

„Очекувањата се судот да изрече кривична санкција соодветна на отежителните и олеснителните околности. Обвинетата уште во фаза на истрагата го има признаено кривичното дело, истата се кае, досега не е осудувана. Што ќе реши судот ќе знаеме во вторник“, изјави Ѕвонко Давидовиќ – адвокат на Костадинова.

Од Обвинителството велат дека располагаат со доволно докази со кои ќе ја докажат вината и на останатите осуммина. Објаснуваат дека со едно признание на вина не може да се заснова пресуда, но тоа ќе биде коцка во мозаикот.

„Меѓутоа едно признание на вина дадено од страна на обвинетиот во корелација со сите други докази кое обвинителството ќе ги изведува на наредните главни расправи ќе биде само една коцка во мозаикот, што ќе придонесе за веќе утврдената фактичка состојба“, изјави Наташа Поп Трајкова – обвинителка.

Меѓу обвинетите е и поранешниот директор на Платежната агенција, Илија Стоилев. Првообвинет е Џевдет Насуфи, екс – министер за правда и за локална самоуправа. Според обвинението, Насуфи давал поткуп, неговата фирма да добие пари од ИПАРД иако не ги исполнувала критериумите.

Во случајот „ИПАРД“ обвинети се деветмина за примање и давање мито од над 50.000 евра. Следното рочиште е закажано за 11-ти мај.

Андријана Ѓурческа