Напад во Лондон

Антисемитизмот најитно прашање за безбедноста на Велика Британија

30.04.2026 20:18

Британските власти се соочуваат со сериозна безбедносна закана откако напад со нож врз двајца Евреи во Лондон беше окарактеризиран како терористички чин. Премиерот Стармер свика итен состанок на кабинетот, предупредувајќи дека станува збор за поширок бран на напади. Владата го означи антисемитизмот како „вонредна состојба“ и најави дополнителни мерки и средства за заштита.

Британскиот премиер свика итен состанок на кабинетот по нападот со нож врз двајца Евреи во Лондон, што според полицијата е терористички чин. Владата го нарече антисемитизмот во Велика Британија „вонредна состојба“ и најави дополнителни средства за зголемување на безбедноста.

„Нема бегање од фактот дека ова не беше еднократен напад. Ова беше серија напади врз нашата еврејска заедница, особено во последните недели. И искрено, постои многу длабоко чувство на вознемиреност, загриженост за безбедноста, за сигурноста, за идентитетот“, изјави Кир Стармер, премиер на Обединетото Кралство.

Британските министри за внатрешни работи и за безбедност го осудија нападот во Лондон. Велат дека го третираат антисемитизмот како најитно прашање во однос на безбедноста.

„Знам дека како Влада имаме уште да направиме. Веќе најавивме зголемување на средствата за заштитна безбедност во рамките на еврејската заедница. Тоа значи финансирање за обезбедување локации во нашите еврејски заедници, синагоги, еврејски училишта, центри на заедницата и други места од интерес во заедницата“, изјави Шабана Махмуд, министерка за внатрешни работи на Обединетото Кралство.

„Ќе преземеме мерки што се неопходни. Министерот за внатрешни работи неодамна забрани одржување марш во Лондон, а законот за криминал и полициско работење неодамна доби кралска согласност, што ѝ дава на полицијата нови овластувања во оваа конкретна област“, рече Ден Џарвисминистер за безбедност на Обединетото Кралство.

Жртвите, на возраст од 34 и 76 години, се во стабилна состојба. Полицијата уапси 45-годишен маж под сомнение за обид за убиство, додека детективите работат на утврдување на мотивот и дали има поврзаност со ирански посредници. Од ЕУ го осудија нападот во Лондон и велат дека антисемитското насилство нема место во општеството.

Катерина Бојаџиева