Спречување на ИДИЛ- главен приоритет за американските дипломати на Генералното собрание на ОН

19.09.2014 12:34

Како светот да ја спречи заканата од Исламската држава на Ирак и Левант и се поголемата поддршка што ја добиваат од странските борци, ќе бидат главни приоритети на американските дипломати за време на Генералното Собрание на Обединетите нации во Њујорк...

Пред официјалното започнување на Генералното Собрание на Обединетите нации во Њујорк, Соединетите Американски Држави веќе лансираа дипломатска офанзива за формирање на широка коалиција за борба против Исламската држава на Ирак и Левант. Како Претседавач со Советот за безбедност, Барак Обама ќе побара земјите членки да донесат мерки против странските борци коишто се борат на страна на исламистите.

„Феноменот терористи да патуваат во конфликти во странство за да им се приклучат на терористичките организации не е нов, но се работи за голем број на странци чиј масовност расте геометриски брзо. Ги има во места како Ртот на Африка, Либија, Јемен, Ирак, Авганистан и во Сирија. Овие терористи странски борци, не само што ги ескалираат конфликтите, посериозно е што ќе ги пренесат терористичките активности дома“, вели Дин Питман- американски помошник државен секретар за меѓународни организации.

Преземање мерки за сузбивање на смртоносната болест ебола ќе биде еден од приоритетите на американските дипломати во Њујорк. На 69-то Генерално Собрание на ОН, Официјален Вашингтон ќе инсистира на усвојување на резолуции за ситуацијата во Украина, нуклеарната програна на Иран и бегалците во Сирија.

САД се залага за реформа на мировните мисии под знамето на Обединетите нации.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ