Блиски Исток

Сирените во Техеран – предизвик за кревкото примирје

01.05.2026 10:39

Тензиите на Блискиот Исток не запираат. Кревкото примирје во Иран нарушено со сирени за воздушен напад во Техеран. Противракетните системи реагирале на „непријателско извидување и мини-дронови“, тврдат иранските власти. Претседателот Трамп тврди дека Иран сака договор за мир, но проблемот е што не се знае кои се вистинските лидери на земјата.

Тензиите на Блискиот Исток не запираат. Кревкото примирје во Иран нарушено со сирени за воздушен напад во Техеран. Противракетните системи реагирале на „непријателско извидување и мини-дронови“, тврдат иранските власти. Претседателот Трамп тврди дека Иран сака договор за мир, но проблемот е што не се знае кои се вистинските лидери на земјата.

Сирени за воздушен напад огласени во делови од Техеран, активирани биле иранските системи за противвоздушна одбрана-јавуваат државните медиуми. Според нив, станува збор за реакција на „непријателско извидување и мини-дронови“, по што предупредувачките сигнали биле прекинати. Во ек на тензии и кревко примирје, Трамп изјави дека Иран „умира за договор“ и дека мал број луѓе знаат за разговорите.

„Иран умира за да склучи договор. Не сакам да навлегувам во детали, но не можат да имаат нуклеарно оружје. Освен тоа. Моќта на блокадата е неверојатна. Тие очајно сакаат договор, но никој не знае кои се нивните лидери. Никој не знае за што се разговорите, освен јас и уште неколку луѓе“, изјави претседател, Доналд Трамп.

Морската блокада на САД е продолжение на воената акција – оценува иранскиот претседател Пезешкијан.

„Она што се прави под маската на поморска блокада е продолжување на воените операции против нација која ја плаќа цената за својот отпор и независност. Продолжувањето на овој репресивен пристап е неподнослив“, објави иранскиот претседател, Масуд Пезешкијан.

Пакистан соопшти дека останува посветен на дијалогот меѓу Техеран и Вашингтон додека ОН повикуваат на итно обновување на слободната пловидба, предупредувајќи на сериозните економски последици.

„Ограничувањето на пловидбата ги нарушува испораките на нафта и гас, ги дестабилизира пазарите и ја зголемува инфлацијата. Во најлошо сценарио, инфлацијата би надминала 6%, а светската економија би се соочила со ризик од рецесија“, изјави Антонио Гутереш, генерален секретар на ООН.

Во меѓувреме, американската војска разгледува распоредување на ново хиперсонично оружје на Блискиот Исток, по преместување на ирански ракети надвор од досег. Белата куќа соопшти дека нема да бара одобрение од Конгресот за нови напади врз Иран, додека Техеран предупреди на „долги и болни удари“ ако биде нападнат. Израел соопшти дека со САД координирано дејствува против Иран и дека може повторно да интервенира, како и дека ќе ги уништи инфраструктурите на Хезболах исто како во Газа.

„Ќе ги уништиме сите терористички инфраструктури во безбедносната зона, точно како што направивме во Газа, со цел да ги отстраниме заканите на северот. Ќе ги уништиме сите капацитети на Хезболах низ Либан“, изјави израелскиот министер за одбрана, Израел Кац.

И покрај кревкото примирје во Либан, Хезболах и Израел продолжуваат со напади и меѓусебни обвинувања додека од ОН предупредуваат дека бројот на жртви расте.

Бојана Крстевски