Туризам

Европски грантови за развој на Преспа

01.05.2026 19:47

Преспа е еден од најубавите македонски бисери со огромен неискористен потенцијал. Преку програмата „Еу за Преспа“ и проектни на УНДП, се работи на унапредување на туристичкиот потенцијал, а истовремено и заштита на животната средина. Во фокус е одржливиот туризам, во тек е вториот повик за сместувачки капацитети…

Со поддршка од европските фондови, преспа полека но сигурно се трансформира. Се реализираат проекти кои директно влијаат врз економскиот развој и квалитетот на живот. 14 од 18 милиони евра од програмата „Еу за Преспа“ ги спроведува УНДП преку два проекти. Фокусот е ставен на одржливиот туризам. Во моментот тече вториот повик за сместувачки капацитети, со можност за добивање грант од 20-30илјади евра

Покрај сместувачките капацитети, интервенциите од програмата за обединети нации во рамки на „ЕУ за Преспа“, се однесуваат и на заштитата на животната средина. Во тек е изградба на канализации и пречистителни станици во шест преспански села.

Туристите кои ќе ја посетат Преспа ќе имаат можност одблиску да ги погледнат убавините во заштитените подрачја. Се работи на развој на интегрирана туристичка инфраструктура на отворено, со обележување и уредување на 100 км велосипедски и 70 км пешачки патеки.

Врнежите од дожд во изминативе месеци го зголемија нивото на Преспанското Езеро за повеќе од 75 см. Тоа отвора можности и за зголемен број посетители во претстојниот летен период.

Европските грантови не се само финансиска помош, туку и двигател на промените. Со ваквите проекти Преспа се позиционира како регион со потенцијал, кој со правилно искористување на поддршката може да стане пример за одржлив локален развој.

Александра Максимовска