Во Куманово зголемена цената на такси превозот
Конфликтот носи поскапувања. Економските последици веќе изразено се чувствуваат и кај нас. Погодени се сите сектори. Во Куманово се зголеми цената на такси превозот. Под притисок е и угостителскиот сектор.

Последиците од војната на Блискиот Исток веќе поизразено се чувствуваат и во земјава. Зголемените трошоци започнаа да се прелеваат врз крајните потрошувачи. Растот на нафтените деривати ги погоди сите сектори.
Први на удар се превозниците. Во Куманово се зголеми цената на такси превозот. Од досегашните 80 порасна на 100 денари, а секој следен километар ќе изнесува 40 денари. Се размислува и за покачување на цената за субвенционираниот јавен превоз.
Под притисок е и угостителскиот сектор. Сопствениците велат цените се менуваат речиси секојдневно, што го отежнува планирањето и работењето.
„Енергенсите се зголемени а со тоа се зголемуваат и продажните цени на артиклите што ги набавуваме, така што и ние мора да ги качуваме цените на малопродажните артикли, услугите, но гледаме некако да се справиме, балансираме за да можат да останат на онаа нормална цена, прифатлива за граѓаните‘, истакна Тони Димитриевски, претседател на Здружение на угостители Куманово.
Од Владата со укажувања нема да запрат мерките за справување со најголемата енергетска криза. Акцизите остануваат исти, а одлуката ќе се носи врз основа на просечната цена на бензинот и дизелот во втората половина на месецот.
Елена Георгиевска
