Ден на трудот

Првомајски синдикален протест за повисоки плати

01.05.2026 15:00

Барање за минималец од 600 евра и безбедни работи места, предупредување за непочитување на колективните договори и недостиг на социјален дијалог – ССМ од првомајскиот протест со порака – „за повисоки плати ќе се бориме и нема да се молиме“...

Марш за достоинствен приход за работникот соочен со ниска плата, растечки трошоци за живот и чувство дека не е вреднуван доволно. Од пред зградата на Синдикатот преку Собранието, Стопанската комора до Владата, синдикатите порачаа дека за плата се борат, а не се молат. Потсетија дека 260 илјади работници живеат со месечен минималец, а третина од нив се соочуваат со сиромаштија.

КСС не се приклучи на протестот, оценувајќи дека социјалниот дијалог се води на маса, не на улица. ССМ одговори – кога дијалогот потфрла, протестот е единствена форма за притисок.

СДСМ го поддржа протестот, премиерот Мицкоски вели – демократско право е да се протестира.

Барањата на синдикатот непроменети: минималец од 600 евра, почитување на колективните договори, безбедност на работното место, задржување на работната сила дома.

Анита Димитријевска – Велковска