Владата демантира дека постои застој во реформската агенда
Откако СДСМ ја напушти работна група поради укинувањето на техничката влада, Изборниот законик ќе остане една од неисполнетите обврски од реформската агенда. Премиерот Мицкоски потврди дека нема да се носи без консензус. По средбата со ресорните министри, шефот на Владата уверува дека до јуни ќе се спроведат сите чекори, освен Изборниот законик и барањето да не обезбедува 100 проценти електрична енергија од снабдувачот. Сдсм критикува дека тој уште отсега бара алиби за неуспехот...

Два од десетте чекори кои ги бара Брисел, нема да бидат спроведени до јуни. Едниот е Изборниот законик, а причината според премиерот Мицкоски е излезот на СДСМ од работната група во Министерството за правда.
Владата нема да го спроведе и барањето за укинување на субвенционирањето на струјата, бидејќи на тој начин сметките би пораснале за над 30 проценти.
Мицкоски сака да го покаже СДСМ како виновник, бидејќи во јуни ќе нема напредок во реформите, обвинува опозицијата. Според партијата, тој бара алиби за неуспехот и велат – власта и без консензус може да го донесе Изборниот законик, исто како што изгласа и укинување на техничката влада.
„Мицкоски помпезно ветуваше дека – наскоро од Брисел ќе стигне вест дека сме рамо до рамо со црна гора. Сега однапред подготвува алиби зашто тоа нема да се случи. Затоа што во јуни нема да ги внесе малцинствата во уставот, нема да ги затвори осумте отворени реформски точки и нема да ги реши проблемите што самиот ги создаде“, велат од СДСМ,
Социјалдемократите излегоа од работната група која ги подготвува измените на Изборниот законик кои се дел од реформската агенда, бидејќи беа против укинувањето на техничката влада.
Премиерот Мицкоски најави дека до крајниот рок земјава ќе ги испорача реформите и наскоро очекува за сработеното во овој дел да добие потврда од Брисел.
Викторија Милевска
