Туризам

Охрид преплавен од туристи

02.05.2026 14:47

Охрид овој продолжен првомајски викенд е преполн со туристи. Покрај хотелите и угостителските објекти, полни се и излетничките места, музеите, рестораните, кафулињата. Официјално започнува туристичката сезона.

Традиционално за првомајските празници, Охрид преполн со туристи. Бродовите ги кренаа сидрата, запловија кајчињата, голема посетеност на излетничките места, културно-историските споменици, музеите, рестораните и кафулињата.

Најбројни се туристите од земјава и соседството, особено Србија и Грција, но забележливо е присуство и на организирани групи од Европа и далечниот Исток.

Охрид сè уште важи за достапна и евтина дестинација, особено атрактивна за младите од Србија.

„Охрид е нашата најдобра дестинација за Нова година и 1 Мај. Цената беше навистина пристапна, преку нашата агенција имавме ласт-минт понуда, 50 евра по лице. Три ноќевања, четири денови и седум забави“, велат туристички водичи од Србија.

„Доаѓаат најмногу млади. Забава на брод, главно овде има најубави забави“, вели туристички водич од Србија.

Први Мај се смета за почеток на туристичката сезона. Според официјалната статистика во периодот јануари – февруари годинава бројот на туристи е зголемен за 6 отсто.

Соња Рилковска