Застој меѓу САД и Иран, ризикот расте
Два месеци од почетокот на војната во Иран. Кризата на Блискиот Исток сè уште ја бранува светската јавност. Предизвиците секојдневно се зголемуваат, особено на удар е економијата. Затворањето на Ормускиот теснец предизвика скок на нафтата и нафтените деривати. Иако Трамп најавува неколкупати крај на војната, но дипломатско решение и натаму не е на повидок.

Два месеци по почетокот на војната меѓу САД и Иран, несигурното привремено примирје и дипломатските обиди за излез од кризата, и натаму немаат изгледи дека наскоро ќе се решат. И двете страни со спротивставени ставови и услови. По доставениот ирански ревидиран мировен предлог, Вашингтон повторно незадоволен. САД нема да се повлечат без договор – дециден Трамп.
„Тие не доаѓаат со договор каков што мораме да имаме, ќе го завршиме ова како што треба. Нема да си заминеме прерано, а потоа проблемот да се појави повторно за три години. Во моментов имам работа со прилично брутални луѓе. Ни оди многу добро. Не можете да му дадете на Иран нуклеарно оружје. Тоа е сè што можам да кажам“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.
Иран вели дека разговорите со САД „не се конвенционални“, го обвинува Вашингтон за наметнување барања. Велат-не сакаат војна, но нема да отстапат од своите принципи, ниту пак, ќе прифатат компромис по цена на достоинството и националните вредности. Подготвени се за дипломатија само ако САД го променат својот пристап.
„Проблемот со американската страна е што таа отсекогаш очекувала да ги наметне своите максимални барања за време на преговорите и во текот на целиот дипломатски процес, притискајќи ја другата страна да ги прифати. Тоа се преговори со многу крвава позадина“, изјави Есмаил Багаи • портпарол на министерството за надворешни работи на Иран.
„Ние не ја поздравуваме војната на никаков начин. Но, апсолутно не сме спремни да ги напуштиме нашите принципи и вредности пред лицето на овој злобен непријател само за да спречиме војна или да го спречиме нејзиното продолжување“, изјави Голамхосеин Мохсени-Еџеи, шеф на иранското судство.
Во меѓувреме, додека американските блокади на иранските пристаништа продолжуваат, САД иницираат формирање коалиција со сојузниците за обезбедување на Ормускиот теснец и слободен поморски сообраќај. Продолжувањето на војната би можела да предизвика хуманитарна катастрофа, предупреди Меѓународниот комитет на Црвениот крст, нагласувајќи дека тековниот конфликт веќе ја турка ситуацијата кон „точка од која нема враќање“.
„Иран е огромна земја со милиони луѓе и инфраструктура што може да биде погодена – мостови, брани, електрани – што би имало катастрофални последици врз условите за живот. Иако ситуацијата сега е под контрола, секоја ескалација би имала размери што нема да можеме да ги апсорбираме. Тековните непријателства нема да донесат стабилност. Потребна е упорност и трпение за да се изгради доверба и да се обезбеди безбеден поморски сообраќај“, изјави Мирјана Сполјариќ Егер, претседателка на Меѓународниот комитет на Црвениот крст.
Иднината на Блискиот Исток останува неизвесна. Борбите се во застој, но последиците се глобални – од човечки жртви и економски пад во Иран, до глобален раст на цените на енергијата и нестабилност во регионот. Експертите оценуваат дека нема вистински победници во војната, само држави што подобро ги менаџираат последиците од кризата.
Бојана Крстевски
