Приведени петмина за семејно насилство
Нападнати сопруги, мајка, сестра и деца – петмина уапсени за семејно насилство. Еден од нив словенечки државјанин. Проблематичните нападнале во Куманово, Струмичко, Охрид и Велес...

Први мај, наместо одмор и пријатна атмосфера, одбележан со семејно насилство во повеќе градови низ земјава. Полицијата интервенирала поради повеќе напади во домот.
Во Куманово за само неколку часа се приведени двајца мажи. Во првиот случај 35 годишник ја истепал сопругата и двете деца, додека подоцна истата вечер, 57 годишен татко завршил на полициски распит поради напад на ќерка си.
Семејно насилство не го одминало ниту туристичкиот Охрид. Од МВР информираат дека 48 годишен државјанин на Словенија кој по расправија со сопругата физички ја нападнал. Инцидент имало и во струмичко село каде е уапсен 36 годишник кој агресивно постапувал со мајка си, а во Велес пак е нотирано семејно насилство што го извршило момче на возраст од 23 години кое ја истепало сестра си. Од МВР велат дека по целосно расветлување на случајот против сторителите ќе бидат поднесени пријави.
Мајката која со детето в раце скокна од балконот на семејниот дом во скопско Тафталиџе ги разбуди институциите побудно да ја следат проблематиката со семејно насилство. За жал, оваа појава не се искорени, а полицискиот билтен секојдневно брои по неколку случаи на малтретирања во домот – местото кое треба да биде најбезбедно, за многумина е извор на страв. Затоа и насилството не треба да се сфаќа како приватна приказна, туку како тивка криза што бара гласност и одговорност.
Анита Димитријевска – Велковска
