Блиски Исток

Трамп ќе го разгледа новиот мировен предлог на Техеран

03.05.2026 11:25

Иран испрати нов предлог за мировен договор до американскиот претседател Трамп. Ирански медиуми објавуваат дека предлогот содржи 14 точки, со рок од 30 дена за завршување на преговорите и целосен прекин на војната. Шефот на Белата куќа рече дека ќе го разгледа предлогот, но изрази сомнеж за неговите перспективи.

Претседателот на САД Доналд Трамп најави дека ќе го разгледа новиот ирански мировен предлог, но предупреди дека не е сигурен оти ќе биде прифатлив бидејќи, како што рече, не може да замисли таков договор без Техеран да плати „висока цена за сè што направил во последните 47 години“. Истовремено, тој не ја исклучи можноста за нови воени напади врз Иран, доколку, како што рече, „се однесува лошо“.

„Ако направат нешто лошо, тоа е можност што може да се случи. Тие сакаат да постигнат договор. Тие се десеткувани, но тешко им е да сфатат кој е нивниот лидер затоа што нивниот лидер го нема. Ми кажаа за концептот на договорот. Сега ќе ми го дадат точниот текст“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.

Иранските власти засега не реагираат, но според медиумите станува збор за предлог од 14 точки со рок од 30 дена за завршување на преговорите и целосен прекин на војната. Трамп повтори дека Иран не смее да се здобие со нуклеарно оружје. Во меѓувреме растат тензии околу Ормутскиот теснец, каде Вашингтон најавува нови мерки, а Техеран ограничувања за поморскиот сообраќај. Во Либан продолжуваат судирите, Израел издаде предупредување за евакуација на југот, додека Хезболах оценува дека „нема вистинско примирје“ и бара појасен став од државата.

„Досега реално, нема вистинско примирје. И тоа е очигледно од случувањата на терен. Гледаме постојани напади и уништување на југот на Либан. Проблемот е што либанската држава нема јасна позиција – дали го прифаќа ова, дали молчи или не може да реагира“, изјави Хусеин Хаџ Хасан, пратеник во либанскиот парламент.

Изјавата доаѓа во услови кога и покрај договорот за примирје, на југот на Либан продолжуваат судири и меѓусебни обвинувања за негово прекршување. Во услови на зголемени тензии, САД ја забрзуваат продажбата на оружје вредна 8 милијарди долари за сојузниците на Блискиот Исток, а Израел веќе најави нови набавки на американски ловци.

Бојана Крстевски