Општините од Вардарскиот регион ќе добијат стратегија за економски развој

19.09.2014 10:50

Деветте општини од Бардарскиот плански регион до крајот на оваа година ќе ги добијат стратегиите според кои ќе ја подобруваат економската состојба. Приоритет како и досега се става на развојот на индустриските зони, привлекувањето инвеститори, самовработувањето и на женското претприемништво...

Се подготвува стратегијата за економски развој на општините од Вардарскиот плански регион. Отварањето на нови работни места, промоција на винскиот и руралниот туризам како и развојот на земјоделието се основните точки на кои ќе се темели стратегијата по која во наредните пет години се планира да јакне локалната економија.

„Развој на претприемништвото, развој на иницијативите или подршка од страна на Општината за развој на мали и средни претпријатија, подршка на женското претприемништво, подршка на самовработувањето, бидејки свесни сме дека Владата подржува вакви проекти“, рече Билјана Ангелова, универзитетски професор.

Придобивките од новите стратегии први ќе ги почуствуваат деветте локални самоуправи кои се дел од регионот.

„Ги ослободуваме општините од трошење на финансиски средства, сега тие средства може да се наменат според потребите на Општините, а истовремено целата програма се спроведува под надзор на стручни лица“, рече Славчо Чадиев, претседател на Советот за развој на Вардарскиот регион.

Во економско јакнење на општините, досега Вардарскиот плански регион,  најмногу учествуваше со проекти за инклузивен развој и изработка на технички документации.

„За две иднустриски зони во општина Неготино ја подготвивме целосна техничка документација, а од утре почнуваме да ја подготвуваме и петгодишната стратегија на ВПР“, рече Марко Колев, раководител на Вардарскиот плански регион.

Секоја општина овој стрешки документ ќе го добие за четириесетина дена. Потоа истиот ќе биде предмет на расправа пред советниците, за на крај да се вгради во годишните општински програми.

                                                                                                                                                          

Дијана Иванова